MakDom – Законска регулатива при Купопродажен договор

Купопродажен договор? Законска регулатива

Тимот на МакДом ви е на располагање да ви помогне околу вашата потреба, без разлика дали купувате или продавате недвижност. Една карактеристика што не издвојува од нашите конкуренти е тоа што се трудиме да ви ги обезбедиме сите информации содржани во законската регулатива на Република Северна Македонија.

Во продолжение имате некоку членови од Законот за облигациони односи, кои се надеваме дополнително ќе ве мотивираат да продолжите со купување или продавање на недвижности.

Општи одредби

Според член 442 од ЗОО со договорот за продажба продавачот се обврзува предметот што го продава да му го предаде на купувачот така што купувачот да стекне право на сопственост, а купувачот се обврзува да му ја плати на продавачот цената.
Продавачот на некое право се обврзува на купувачот да му го прибави продаденото право, а кога вршењето на тоа право бара држење на предметот и да му го предаде предметот.

Форма на продажбата на недвижности

Според член 443 договорот за продажба на недвижни предмети мора да биде склучен во писмена форма.
Потписите на договорните страни кај договорот за продажба на недвижности се заверуваат кај нотар.

Ризик

Според член 444 до предавањето на предметот на купувачот, ризикот за случајна пропаст или оштетување на предметот го поднесува продавачот, а со предавањето на предметот ризикот преминува врз купувачот.
Ризикот не преминува врз купувачот ако тој поради некој недостаток на предадениот предмет го раскинал договорот или барал замена на предметот.

Преминување на ризикот во случај на задоцнување на купувачот

Според член 445 ако предавањето на предметот не е извршено поради задоцнување на купувачот, ризикот преминува врз купувачот во моментот кога паднал во задоцнување.
Кога предметот на договорот се предмети определени според родот, ризикот преминува врз купувачот во задоцнување ако продавачот ги издвоил предметите очигледно наменети за извршување на предавањето и за тоа му испратил известување на купувачот.
Кога предметите определени според родот се од таква природа што продавачот не може да издвои еден нивни дел, доволно е продавачот да ги извршил сите дејствија што се потребни за да може купувачот да ги преземе предметите и за тоа да испратил известување до купувачот.

Состојки на договорот за продажба

Според член 446 предметот за кој е договорот мора да биде во промет, па е ништовен договорот за продажба на предмет кој е надвор од прометот.
За продажбата на предмети чијшто промет е ограничен важат посебни прописи.
Продажбата може да се однесува и на иден предмет.

Кога предметот пропаднал пред договорот

Според член 447 договорот за продажба нема правно дејство, ако во моментот на неговото склучување предметот за кој е договорот, пропаднал.
Ако во моментот на склучувањето на договорот предметот бил само делумно пропаднат, купувачот може да го раскине договорот или да остане при него со сразмерно намалување на цената.
Договорот ќе остане во сила и купувачот ќе има само право на намалување на цената ако делумното пропаѓање не му пречи на постигнувањето на целта на договорот, или ако за определениот предмет постои таков обичај во правниот промет.

Продажба на туѓ предмет

Според член 447 продажбата на туѓ предмет ги обврзува договарачите, но купувачот кој незнаел или не морал да знае дека предметот е туѓ може, ако поради тоа не може да се оствари целта на договорот, да го раскине договорот и да бара надомест на штетата.


Според член 449 спорно право може да биде предмет на договор за продажба.
Ништовен е договорот со кој адвокат или некој друг налогопримач би купил спорно право чиешто остварување му е доверено, или би договорил за себе учество во поделбата на износот досуден на неговиот налогодавец.

ЦЕНА

Кога цената не е определена

Според член 450 ако со договорот за продажба цената не е определена, а ни договорот не содржи доволно податоци со чија помош таа би можела да се определи, договорот нема правно дејство.
Кога со договорот за продажба во стопанството цената не е определена, ниту во него има доволно податоци со помошта на кои таа би можела да се определи, купувачот е должен да ја плати цената што продавачот редовно ја наплатувал во време на склучувањето на вакви договори, а во недостиг на оваа разумна цена.
Како разумна цена се смета тековната цена во времето на склучувањето на договорот, а ако таа не може да се утврди тогаш цената што ја утврдува судот според околностите на случајот.

Пропишана цена

Според член 451 кога е договорена поголема цена од онаа што за определен вид предмети ја пропишал надлежниот орган, купувачот го должи само износот на пропишаната цена, а ако веќе ја исплатил договорената цена, има право да бара да му се врати разликата.

Кога е договорена тековна цена

Според член 452 кога е договорена тековна цена, купувачот ја должи цената утврдена со официјалната евиденција на пазарот во местото на продавачот во време кога требало да настапи исполнувањето.
Ако таква евиденција нема, тогаш тековната цена се определува врз основа на елементите со помошта на кои, според обичаите на пазарот, се утврдува цената.

Кога определувањето на цената му е доверена на трето лице

Според член 453 ако трето лице на кое му е доверено определувањето на цената не сака или не може да ја определи, а договарачите не ќе се согласат дополнително за определувањето на цената, ниту ќе го раскинат договорот, ќе се смета дека е договорена разумна цена.

Кога определувањето на цената му е оставено на еден договарач

Според член 454 одредбата од договорот со која определувањето на цената се остава на волјата
на еден договарач се смета како да не е ни договорена и тогаш купувачот ја
должи цената како во случајот кога цената не е определена.

Се надеваме делот што го издвоивме од ЗОО ќе ви биде од огромна помош и мотивација да продолжите со купување или продавање на вашите недвижности.

Blogs
Што е Ново во Тренд

Поврзани Блогови

Регистрирај се за Билтен

Добивајте ги најновите Новости


Newsletter BG