MakDom – Што вреди да се посети во Охрид?

Кога станува збор за туристичките жаришта во Македонија, тешко е да не се напомене величественото Охридско Езеро, кое се наоѓа во југозападниот дел на земјата. На брегот на Охридското Езеро, главна населба е истоимениот мал град. Поради оваа причина, Охрид е популарна дестинација во летниот период, омилена кај локалните Македонци и другите регионални/европски туристи.

Прошетајте низ Охридската чаршија

Оваа прекрасна пешачка улица именувана по Свети Климент Охридски е опкружена со многу продавници од секаков тип, како и неколку кафулиња. Додека улиците сè уште се обложени со локален македонски мермер, сепак не постојат премногу стари објекти низ чаршијата, но ги има неколку. На северниот крај на чаршијата има мал плоштад, со чешма за вода и историското дрво Чинар, за кое се вели дека е старо повеќе од 1000 години.

Истражете го стариот дел на Охрид

Една од најголемите привлечности во Охрид е Стариот дел на градот. Овде, ќе наидете на прекрасни стари отомански куќи и тесни улички прекриени со калдрма и притоа ќе почувствувате доста релаксирачка атмосфера. Стариот град, воедно е дом на некои значајни историски знаменитости. Добро сочувана е Горната порта, а во нејзина близина се наоѓа и Античкиот театар. Исто така, постојат и неколку историски цркви кои ќе бидат споменати во продолжение.

Самуиловата тврдина

Без сомнение, најдоминантното обележје на Охрид е моќната тврдина што се наоѓа на врвот од ридот над стариот град. Археолошките докази, исто така, сугерираат дека на истото место била изградена уште постара тврдина. Благодарение на реновирањето во 2003 година, посетителите можат да ја посетат тврдината и да се качат по стрмните скали за да одат по нејзините бедеми. Погледот од тврдината кон езерото и стариод дел на градот едноставно не може да се опише доволно добро со зборови, па затоа мора да се искуси.

Посетете некои од познатите цркви

Низ Охрид ќе наидете на доста историски православни цркви во византиски стил. Секоја од нив има свои интересни аспекти, од насликаните фрески во црквата Света Марија Перивлепта до долгата историја на црквата Света Софија. Доста популарна е и црквата Свети Јован Канео, од каде ќе може да уживате во неверојатниот поглед кон Охридското Езето.

Познати плажи во Охрид

Најпозната активност за туристите во Охрид е секако капењето во езерото и уживањето покрај брегот. Воедно, најдобрите плажи се сместени на југ од Охрид. Како такви вреди да се истакнат оние во Љубаништа, Трпејца и Лагадин. Има и неколку плажи кои се наоѓаат во близина на центарот на градот, односно помеѓу охридското пристаниште и црквата Канео.

Уживајте во Свети Наум и Љубаништа

Убедливо најпопуларното еднодневно патување за посетителите во Охрид е возењето со брод до манастирот Свети Наум. Главниот објект во Свети Наум е истоимениот манастир, кој е прилично живописен со уредени градини и нуди прекрасен поглед кон езерото. Во Свети Наум се наоѓа и една од најпопуларните плажи во Охрид. Веднаш покрај плажата има и неколку ресторани, дел позиционирани покрај Охридското Езеро, а дел покрај изворите. Во близина на Свети Наум, се наоѓа и плажата Бабен во Љубаништа, за која се вели дека е најдобрата покрај Охридското Езеро. Таа е песочна и долга неколку киломенти.

Вкусете некои од локалните специјалитети во Трпејца

Трпејца е на прво место кога станува збор за спокојство и вкусна храна. Кога ќе влезете во ова мирно село, ќе забележите како рибарите го изнесуваат својот улов и ќе бидете маѓепсани од убавите и тесни улички. Вистинската убавина сепак ќе ја откриете кога ќе стигнете до фантастичната плажа со камчиња и нејзините пенливи води, кои се совршени за капење. Таму се наоѓа и познатата таверна Мрестилиште, каде може да нарачате локални специјалитети и да уживате во погледот. Дел од локалните специјалитети кои може да ги вкусите таму се: свежо уловена пастрмка, рибја чорба, ѓомлезе и макало.  Ова рибарско село, денес е познато и како Сен Тропе.

Blogs
Што е Ново во Тренд

Поврзани Блогови

Регистрирај се за Билтен

Добивајте ги најновите Новости


Newsletter BG