MakDom – Штип – центар на Источна Македонија

Штип е град во источниот дел на Република Македонија, распослан по долината на реката Брегалница. Градот Штип е најголемиот град во Источна Македонија и 7-ми по големина град во Македонија. Штип е седиште на истоимената општина и економски, индустриски, културен и образовен центар во целиот Источен регион од државата. Штип е еден од најстарите градови во Македонија кој има и свое античко име Астибо, кое го добил по античкото име на реката Брегалница, односно Астибо . Светецот Свети Никола е заштитник на градот Штип што го прави културно и духовно средиште за време на овој празник. Штип е центар на текстилната индустрија во Македонија.

Каде се наоѓа Штип?

Штип се наоѓа на брегот на реките Брегалница и Отиња, на ридскиот терен на падината помеѓу Овче Поле, Кочани и Лакавичка Котлина. Географската положба му овозможува да има значајна сообраќајна функција и корисна комуникација со околните населени места. Од Штип има повеќе сообраќајни правци и тоа патните правци кон Велес, Свети Николе и Куманово, патот кон Кочани, Делчево и Бугарија со крак кон Пробиштип и Кратово, патот кон Радовиш и Струмица со крак кон Неготино во Тиквешијата. Низ градот минува железничка пруга преку која се поврзува со Велес и Кочани. Поради поволната состојба во сообраќајот, безбедноста на патиштата, развиената индистрија, занаетчиството и земјоделството, Штип бележи интензивен урбан и комерцијален развој. Со изградбата на пругата покрај Вардар се интензивира економскиот развој на градот. Штип денес прерасна во модерен град кој изобилува со историско-културни споменици, природни реткости и мешавина од стари и нови модерни урбани населби со специфични згради, куќи, станови, вили и апартмани кои ги привлекуваат погледите на туристите.

Штип

Опишан од трговците и патниците низ вековите како живописна и енергична дестинација  , Штип не изгубил ништо од својот шарм. Штип  е дом на стара архитектура и голем број на цркви кои датираат одамна, има многу што да се види наоколу. За вљубениците во патувањето имаме неколку совети доколку сакаат да го истражат и запознаат Штип:

Туристички атракции во Штип

Градот Штип има неколку туристички атракции значајни за развојот на туризмот. Во околината на Штип се наоѓаат античкиот град Баргала и штипската тврдина. На тврдината „Исар“ во Штип на 22 март се празнува големиот христијански празник „Свети 40 маченици“ и обичајот „Четрсе“. Првиот македонски обичај кој е на листата на светско наследство на УНЕСКО за нематеријално културно наследство. Обичајот бара да поздравите 39 луѓе кога се искачувате на врвот на тврдината и да го бакнете 40-тото лице. Младите девојки и момчиња, го оставаат тој/таа што им се допаѓа за последен/на. Се фрлаат и 39 камења, а 40-тиот камен треба да се донесе дома, а потоа да се стави под перница. Се верува дека личноста што се појавува во сонот ќе биде партнер на девојката доживотно.

Баргала

1.Баргала

Баргала е еден од најзначајните доцноантички градови во Македонија, сместен на 20 километри североисточно од Штип. Градот е тврдина опкружена со ѕидини и кули, со монументални влезови и порти, кои датираат од 4 до 6 век. Со ѕидови подебели од два метри, Римјаните го изградиле како воен логор, а потоа прераснал во цивилна населба и ранохристијански епископски центар во Брегалничкиот регион. Во V век, особено во времето на Јустинијан I, Баргала го достигнала својот врв, но кон крајот на VI век постојано страдала за време на аварските и словенските освојувања.Во средниот век во Баргала била основана нова населба. Локалитетот изобилува со археолошки наоди. Особено впечатливи се подовите на базиликата подигната на крајот на IV век, а обновена во V и VI век, од кои најубав е подот на презвитериумот, обложен со бели и сиви плочи. Резервоарот за вода и двете бањи (доцноантичка голема и мала бања) се добро сочуван комплексен објект со поединечни меѓусебно поврзани простории. Во Баргала се откриени и делови од стопански и станбени објекти. Денеска во Баргала можете да ги видите базиликата, резервоарот за вода, импресивната капија и голем дел од градската инфраструктура. Дел од градскиот ѕид и главната порта се целосно конзервирани. Само една десетина од целата локација е истражена, бидејќи зафаќа површина од околу 5 хектари.

Исар-Штипско кале (тврдина)

2.Тврдината Исар над Штип

Тврдината Исар или познатото Штипско Кале е главната карактеристика на овој град и со својата грандиозност на ридот ја збогатува прекрасната штипска панорама. Се наоѓа на истоимениот рид, која се издига 120 метри над устието на Отиња во Брегалница, на западната периферија на градот. На ридот има камени споменици кои датираат од 2 век до 6 век, како и остатоци од ранохристијанска базилика од 6 век. Во воените инвазии против императорот Самуил, византискиот император Василиј II ја освоил тврдината Стипеон, а по освојувањето на Штип од страна на Турците, најмалку два века, тврдината била користена како нивно упориште. Денешниот изглед на тврдината датира од 14 век. Тврдината се состоела од два дела: тврдина (замок) со должина од 160 метри и максимална ширина до 20 метри и стопански дел, со должина од 250 метри и ширина од 50 метри. Во 2009 година беа откриени 30 метри од тунелот што води од реката до врвот на Исарот, со што се потврди легендата дека Штип бил освоен од Османлиите преку таен тунел под Исарот. Целата тврдина е опкружена со ѕид кој ја следи конфигурацијата на теренот, во правец север-југ од околу 350 метри по една изохипса.

Црквата Свети Архангел Михаил

3.Црквата Свети Архангел Михаил

Патот кој води до тврдината Исар, на источната страна на ридот, под споменикот на борците се стигнува до црквата Свети Архангел Михаил. Во средниот век на сите четири страни на тврдината биле изградени цркви. Црквата Свети Архангел Михаил е мала средновековна црква, изградена во првата половина на 14 век (1332 или во 1350 година) од протосевастот  Хреља, а во 1334 година царот Душан му ја посветил црквата на Хиландар. Црквата има една купола на крстовидна основа. Надворешните ѕидови се украсени со блокови од обработен камен, а единствениот влез е на западната страна. Нејзината надворешност ви претставува мала еднокорабна црква без купола. Црковното сликарство сочувало само фрагменти кои многу слабо ги прикажуваат ликовите на царот Константин и неговата сопруга Елена, како и ликот на светиот воин.

Црквата Свети Никола или Свети Николај – Штип

4.Црквата „Св. Никола“

Црквата „Св. Никола“ е еден од најрепрезентативните сакрални објекти во Штип. Црквата е изградена од Андреја Дамјанов на местото на постара црква од 1341 година. Според натписот над главниот западен влез, црквата е завршена на 10 мај 1867 година. Црквата се одликува со грандиозен иконостас со бројни вредни икони. На северниот дел од иконостасот има 16 икони, а на главниот иконостас 67 икони, од кои повеќето се насликани во 1890 година од Димитар Папрадишки. Во 1990 година во рамките на црквата е отворена галерија на икони изработени од познати зографи од 17 до 19 век. Дополнително, во галеријата има стари книги, сребрени крстови, чинии за богослужба, свадбени круни, псалми, евангелија и други свети предмети.

Музејот во Штип

5.Музејот во Штип

Музејот содржи хронолошка збирка на артефакти пронајдени во околните области како што е Баргала. Овде се изложени посмртните останки (или реплика) на најстариот неолит човек на Балканот и најстариот жител на Македонија (7000 п.н.е.) пронајдени на локалитетот Грнчарица. Заводот и Музеј на град Штип денес располага со историска поставка со над 1000 експонати од I до XX век, археолошка поставка со над 1200 експонати од времето на неолитот па се до средновековниот период и етнолошка поставка. Во склоп на музејот работи и Музеј на ВМРО за Штип и штипско (1893 – 1934) во Ново Село, како и Уметничката галерија Безистен, а отворена е и спомен куќа на народниот херој Славчо Стојменски.

Школото на Гоце Делчев

6.Школото на Гоце Делчев

Гоце Делчев (1872-1903) бил македонски револуционер кој се борел против османлиските окупатори на Македонија. Во дворот на црквата ,,Св. Богородица” во Ново Село се наоѓа училиштето во кое македонскиот револуционер Гоце Делчев работел како учител. Веднаш до училиштето е и куќата во која живеел во тоа време. Во ова училиште се сретнал со уште еден револуционерен херој, Даме Груев кој исто така бил учител во училиштето. Во црквата Света Богородица, до училиштето, имало неколку скривалишта за револуционерите и нивните архиви. На една од страните на училиштето има и споменик за Гоце Делчев. Денес во зградата на поранешното училипте е сместен ректоратот на Универзитетот Гоце Делчев во Штип.

Штипска пастрмајлија

7.Специјалитетот Пастрмајлија и ресторани

Во Штип доаѓаат луѓе од цела земја поради локалниот специјалитет Пастрмајлија, вид на овална пица со месо одозгора. Ако најдете поискусен готвач, тој ќе ви направи и  вегетаријанска верзија. Во чест на пастрмалијата, секоја година во Штип традиционално се одржува манифестацијата „Пастрмалијада“. Од 2011 година, штипската пастрмалија станаува официјалн бренд со кој се озаконува нејзиното брендирање и промоција како карактеристичен локален специјалитет.Доколку останатете подолго во Штип не заборавете да ги посетите и рестораните Мал Одмор, Лонгуров, Нецко2, Тајна Вечера, Локал Китчен&Бар, Верона  и други кои нудат одлични локални специјалитети вредни да се пробаат.

Типична населба и современа зграда во Штип

8.Одлични услови за живеење и ниски трошоци за престој

Ако некогаш ви требало изговор за да го посетите Штип, сега имате неколку причини да го сторите тоа. Имено покрај богатата историја, добрата храна,  културно историските споменици и пријатната клима која ги привлекува туристите , мора да се истакне дека Штип е и еден од најевтините градови на Балканот и во Европа што го прави одлично место за престој и живеење.

За тие што размислуваат за подолгорочен престој или да се преселат во Штип и во Македонија, треба да знаат дека се вселуваат во град и земја која е прилично европска по сите стандарди: во однос на стилот на живеење, инфраструктурата и кој било друг аспект на живеење – освен во однос на цените! Затоа Македонија и Штип се правото место за преселба или подолгорочен престој!

Треба да очекувате прилично добар квалитет на живеење, добри услуги и ниски цени за основните производи. Исто така, очекувајте пријателски расположени и топли луѓе кои со задоволство ќе ви помогнат и ќе ви препорачаат евтини места.

Според истражувањата на агенциите на недвижности во Штип можете да изнајмите стан за просечно околу 160 евра за еднособен стан (со 1 спална) или 270 евра за трособен стан  (со 3 спални), додека цените за купување се движат околу 900-1.050 евра по квадратен метар за стан/апартман во центарот на градот или околу 780 евра по квадратен метар за стан/апартман надвор од центарот на градот.

Штип е град кој никогаш не престанува да дише во урбаниот, модерниот, традиционалниот и културниот ритам. Тој е град кој нуди многу можности за сите видови посетители, и срдечно ве пречекува и ви ве кани да ја доживеетe Македонија во мало со сета мешавина на култура, традиција и историја. Македонското искуство откриено низ магијата на Штип е нешто што ќе го понесете со себе и нешто за што ќе зборувате следните години.

Blogs
Што е Ново во Тренд

Поврзани Блогови

Регистрирај се за Билтен

Добивајте ги најновите Новости


Newsletter BG